Од секогаш себе си се сметав за многу среќна личност. Она што бескрајно ме исполнува и ме прави среќна е што наидов на многу луѓе кои безрезервно одлучија да го следат мојот сон. Идеата за донаторска аукција на чоколадо немаше никогаш да стане реалност ако за неа не се заземеа моето семејство, моите стари но и новостекнати пријатели на кои нема зборови со кои би можела да им се заблагодарам, и секако, донаторите без чија несебична поддршка немаше да можеме да го оствариме овој проект.
Овој проект немаше никогаш да успее без Вас.  Сите ние сме различни однадвор, но она што навистина е важно е што носиме во нашите срца, а тие не се разликуваат многу по својата големина... колку што јас се разбирам во медицина! Вие широко ги отворивте Вашите срца и ни помогнавте да собереме 300.000 денари за само неколку часа. Ви благодарам на сите за искрената поддршка.

Често цитирам една моја драга пријателка која секогаш вели: Децата се нашата животна инвестиција. И овој проект е токму за нив, затоа што ние сме должни да им обезбедиме среќно детство, соодветни услови за лекување, добро образование. Скапа инвестиција, сигурно ке се сложите, можеби една од најскапите. Но сметам дека е и една од најисплатливите бидејќи со ниедни пари на овој свет не можете да ја купите искрената детска насмевка, прегратка, бакнеж и почит.
На 29 декември, во просториите на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле се одржа прес конференција на која Здружението на граѓани ПОЗИТИВО официјално ја презентираше целокупната донација која беше обезбедена во рамките на проектот Аукција на чоколадо.

Со собраните средства  од  Аукцијата на чоколадо се обезбедија следниве работи:

  1. Апарат за спирометрија – со несебична поддршка на фирмата SONIX од Скопје кои ни обезбедија одреден попуст и повеќегодишен бесплатен сервис и техничка поддршка
  2. Компјутер – од фирмата Рударски Институт од Скопје.
  3. 2 апарати за дезинфекција на раце – со поддршка на фармацевската куќа ГЕОПРОМ која ни обезбеди одреден попуст, и која  во следниот период ќе ја снабдува болницата со средствата за дезинфекција.
  4. 150 јоргани кои специјално за нас ги изработи ВИНКА НЕТ од Виница, фирма која исто така ни овозможи специјален попуст за купување на овие јоргани
  5. Материјали за опремување и репарирање на тоалетите и мијалните на одделението Д3 – повторно со помош и несебична поддрчка на фирмата од која ги набавивме материјалите, ЕЛПРОМ од Скопје, која ни одобри специјални цени за реализирање на целиот проект поврзан со тоалетите и мијалните

Покрај ова, со свои директни донации се вклучија следниве компании,  секоја на свој начин и тоа:

  1. Сервисниот центар ВИДЕО ДАТА ни донираше ТВ, ДВД и фрижидер за целосно опремување на една соба на едделението Д3
  2. Реномираниот салон за мебел КАЗА ИТАЛИЈА ни донираше две прекрасни столици, една детска и една за мајката за истата соба на одделот Д3
  3. ДЕЛФИНО Травел, агенцијата која е застапник на МАЛЕВ Hungarian Airlines за Македонија, Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска и Словенија, како и SIXT  rent a car за нашата земја , ни донираше две професионални колички за оддржување на хигиена со сите потребни додатоци
  4. КОЛА, дистрибутерите на Унилевер, ни донираа средства за хигиена ДОМЕСТОС и пелени Хагис наменети за потребите на  посиромашните пациенти кои се лекуваат во болницата
  5. Семејството Симоски пак несебично ни обезбеди 20 комплети детска постелнина за потребите на најмладите пациенти
  6. ЛЕК, познатата фармацивстка куќа, покрај несебичната поддршка во организацијата на аукцијата,  ни донираше прекрасни радија за во собите на пациентите
  7. Во следната година, реномирана фирма, производител на средства за хигиена, ќе донира помош за болницата на квартално ниво.

MILKA со својата уникатна, препознатлива и вкусна бела чоколада, NESTLE со својата оригинална и привлечна 200гр. млечна чоколада, КЛУБ МАТИЦА со 100 прекрасни шарени книги и сликовниции и ГЕОПРОМ кој исто така несебично донираше 100 сетчиња со шампони од најдобрата колекција за деца Bubchen и неколку витамински сирупчиња Др. ЛЕО ни овозможија да ги израдуваме сите дечиња со новогодишни подароци – ОД СЕ СРЦЕ ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВАМЕ!

И децата се потрудија да бидат дел од оваа хумана акција, па така, децата од градинката ТИП ТОП подарија свои цртежи за да ги развеселат просториите на одделението Д3.
Дечињата кои беа хоспитализирани во моментот во Институтот, ги израдувавме со мала предновогодишна забава со маѓионичар на која присуствуваше и нашата поп дива КАЛИОПИ. 

Катерина Златановска Попова
Здружение на граѓани ПОЗИТИВО