Искрено верувам дека во животот секое зло се случува за некое добро, и дека по трите најтешки денови поминати во Институтот за белодробни заболувања - Козле поради бактериска пнеумонија на двајцата мои синови, Лука кој има неполни 4 години и Марко кој има неполни 2 години, знаев дека мора од тоа мое животно искуство да се изроди нешто добро.
Тогаш, цврсто одлучив дека повторно ќе се вратам во Институтот, но не како пациент туку како човек кој сака да ги понуди сите свои способности за помош на оваа болница.
За време на мојот престој во болницата идеите сами се нижеа, а јас бев се понетрпелива да ги видам како се остваруваат.
Аукцијата на чоколадо произлезе токму така, спонтано, како дел од моите многубројни размислувања за начинот на кој би можела да обезбедам повеќе средства, од само индивидуална еднократна донација, за подобрување на условите за престој и лекување на децата – пациенти и нивните мајки во болницата.
Неизмерно сум среќна што наидов на огромно разбирање и ентузијазам за реализација на овој комплексен проект кај членовите од моето семејство, пријателите и се разбира, директорот на Институтот, Прим. Д-р Оливер Зафировски, кои безрезервно се вклучија во остварувањето на оваа манифестација.
Катерина Златановска Попова